Исхрана кај дијабетичари

Правилната исхрана е интегрална компонента од третманот на дијабетесот, но и покрај тоа постојат многу разлики во концепцијата на планот за правилна исхрана кај луѓето со дијабетес. Поради тоа се наметнува потреба за обезбедување на препораки за исхраната кои ќе се базираат на принципи кои се веќе докажани во практиката и поткрепени со научни докази. Секако, сите препораки за правилна исхрана мора да се применат водејќи сметка за индивидуалните околности, културните и етничките разлики, и основно вклучување на луѓето со дијабетес во процесот на донесување одлуки при избор на нутритивниот план. Луѓето со дијабетес имаат исти нутритивни потреби како и останатите луѓе. Како и кај сите други, нивната исхрана треба да е разновидна, всушност начин на исхрана кој се препорачува за секој човек.

Сепак, исхраната особено е важна за оние кои се на инсулинска терапија поради следните причини:

  • Ако храната содржи многу шеќери, тешко ќе се одржува нивото на крвниот шеќер;
  • Со земање на регуларни оброци и ужини од храна која содржи скроб ќе се избегне ризикот за хипогликемија.

Гликемиски индекс

Повеќе фактори влијаат на промените на нивото на крвниот шеќер како резултат на одреден вид храна. За подобро разбирање на овој проблем воведен е термин т.н. гликемиски индекс.

Гликемискиот индекс го одредува гликемискиот одговор на одреден вид храна, односно способноста на одреден вид храна да го покачи нивото на крвниот шеќер. Овој гликемиски одговор зависи од количината на земената храна, содржината на влакна, масти и начинот на кој е храната подготвена. Глукозата е вид јаглехидрат кој најбрзо го покачува крвниот шеќер и нејзиниот гликемиски индекс е 100, останатите јаглехидрати имаат гликемиски индекс кој им е одреден во споредба со гликозата.
Јаглехидратите со поголем гликемиски индекс имаат брза ресорпција и брзо го покачуваат крвниот шеќер и се препорачуваат во состојба на хипогликемија и во тек на физичка активност. Останатите јаглехидрати со понизок гликемиски индекс побавно го покачуваат крвниот шеќер и најдобро е да се земат пред физичка активност. Тие обезбедуваат подолготраен извор на енергија и помагаат да се одржи стабилно нивото на крвниот шеќер во подолг период.

На следната табела се дадени различни видови храна и нивниот гликемиски индекс.

Броење на јаглехидрати

Постои базично и напреднато броење на јаглехидрати. Базичното броење на јаглехидрати е поедноставно за применување. За да се примени во практика потребно е да се научи како да се брои количината на јаглехидрати во различни видови храна. Потоа се учи колку јаглехидрати се потребни да се изедат за секој оброк и меѓуоброк.
Суштината на базичното броење јаглехидрати е да се изеде приближно иста количина јаглехидрати во исто време секој ден, за да се одржи нивото на крвниот шеќер во саканите граници. Овој тип на броење јаглехидрати е добар пристап во планирање на оброците во случај на дијабетес тип 2 регулиран со диета или орални хипогликемици. Исто така, тој е добар почеток за луѓето кои се на инсулинска терапија, но ако станува збор за интензивирана инсулинска терапија или инсулинска пумпа, потребно е да се премине на напреднато броење на јаглехидрати за прецизна контрола на крвниот шеќер. Земајќи добро балансирана и здрава храна ќе се намали ризикот од здравствени проблеми во текот на животот, ќе се задржи нормална телесна тежина, особено важно кај луѓето со дијабетес. Изборот на храната кај луѓето со дијабетес е предизвик со кој треба се соочи секој поединец. Потребно е да се избере добро балансирана храна, соодветни лекови и/или инсулин, физичка активност за да се обезбеди најдобра можна метаболна контрола.
Броењето на јаглехидратите е еден од приодите кон планирањето на оброците и се покажал како исклучително успешен начин за постигнување и одржување добра гликорегулација, притоа без да го наруши во голема мера животниот стил на секој поединец. За да се пристапи кон начинот на броење на јаглехидрати неопходно е да се знае која храна ги содржи.
Тие се застапени во:

  •  житарки, леб, тестенини, зрнеста храна,
  •  зеленчук со скроб (грашок, грав, леќа) и компири,
  •  млеко и јогурт,
  •  овошје и овошни сокови,
  •  блага храна како колачи, торти, баклави, сладолед.

Следниот чекор е да се знае која храна во која количина содржи јаглехидрати. Внесот на јаглехидрати потребно е посебно да се пресметува, бидејќи тие директно го афектираат шеќерот во крвта. Поради тоа се препорачува т.н. систем на замена или систем на броење лебни единици (ЛЕ). Една ЛЕ претставува продукт кој содржи 12-15 грама јаглехидрати што одговара на парче леб од 25-30 грама.

Лебните единици треба рамномерно да се распоредат во текот на денот, со тоа што главен оброк е со повеќе од 2 ЛЕ, а ужина највеќе до 2ЛЕ.

Дневните калориски потреби се разликуваат во однос на полот, телесната тежина и физичката активност на секој поединец.

Ако дневните потреби се 2000 ккал – 50% треба да се јаглехидрати, значи 1000 ккал. Од 1 г јаглехидрати се добиваат 4 ккал, 1000 се дели со 4 и се добиваат 250 г јаглехидрати. 1ЛЕ содржи 12 г јаглехидрати, се дели 250 со 12 и се добиваат 20 ЛЕ дневно. Или едноставно од 2000 ккал се отстрануваат двете последни нули и се добиваат 20 ЛЕ.

Вештачки засладувачи

Вештачките засладувачи се додаваат на храната за постигнување благ вкус и тие можат да имаат одредена калориска вредност (хранливи засладувачи) или пак да се без калориска вредност (нехранливи засладувачи).

Хранливи засладувачи се оние кои имаат одредена калориска вредност која треба да се зема предвид. Тоа се шеќери и шеќерни алкохоли, главно моносахариди и дисаха- риди, меѓу кои најзначајни се гликоза и фруктоза како моносахариди и сахароза како дисахарид. За оваа намена најчесто се користат декстроза, сорбитол, манитол и ксилитол. Во секојдневната практика најчесто се користи фруктоза за чие разградување не е потребен инсулин. Користењето како засладувач е ограничено на дневна вкупна доза од 50 г. Сорбитолот, кој се наоѓа со комерцијално име Сладиал, дневно се зема до 60 г, што има 234 ккал енергетска вредност.

Нехранливи засладувачи има повеќе видови и тоа:  Acesulfame К,  Aspartame,  Cyclamate,  neohesperidine DC,  saccharine,  thaumatin и други.
Иако овие нехранливи засладувачи не го покачуваат нивото на гликоза во крвта, сепак не се препорачуваат бидејќи се вештачки и предизвикуваат несакани ефекти како главоболки, вртоглавици, оштетувања на дигестивниот тракт и др. Наша препорака за нехранлив природен засладувач е стевиа.

 

Се надеваме дека со овој стручен и опширен текст ви помогнавме полесно да се справите со дијабетесот, контролирајќи ја исхраната.
Доколку ви треба дополнителен совет, ПРАШАЈТЕ НУТРИЦИОНИСТ.
Ако не можете сами да се снајдете и ви треба стручно водење, НАРАЧАЈТЕ ДИЕТА. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *