Кога ќе станеме свесни за енергијата и виталноста што повторно ќе се појават, нема повеќе да сакаме да се вратиме на старите навики.

Човечкото тело е една совршена машина, која што постојано се самообновува, преработува храна, го задржува она што и треба, а непотребното го исфрла. Во совршени услови, нашето тело би функционирало совршено, без болки и болести. Но, живееме во индустриска ера, во која што покрај тоа што го загадивме воздухот, водата и средината воопшто, ја индустријализиравме и храната.
Денешната храна, или она што останува од неа после сите процеси на обработка, е сиромашна со нутриенти, штетна по здравјето, богата со слободни радикали, токсична, па дури и канцерогена! Прости шеќери, транс масти, сол, адитиви, појачувачи на вкус, глутен …. се само дел од  токсичните состојки кои секојдневно ги внесуваме, колку и да внимаваме на исхраната, бидејќи тие доаѓаат во облик на „скриени шеќери“, „безкалориски засладувачи“ и сл.

Затоа, покрај секојдневното избегнување на овие токсини, повремено ни е потребно и прочистување на дигестивниот систем, а со тоа и на телото воопшто. Во природна, еколошка и здрава средина, ова не би било потребно.

Отровите кои се натрупани во нашето тело во текот на целиот живот не можат преку ноќ да се исфрлат. За сè е потребно време. Овој процес на чистење на почеток може да е следен со тешкотии, како што се слабост, чувство како да сме болни или исцрпени, посебно кога отровите ќе стигнат во крвта и кога ќе почнат да се исфрлаат. Тоа е знак дека во телото започнал процесот на прочистување.